Барселона сериозно се вклучи во битката за Бернардо Силва и сака да му зададе нов удар на Атлетико Мадрид во летниот преоден рок.
Португалскиот репрезентативец остана без договор со Манчестер Сити и до неодамна беше многу блиску до преселба во редовите на Атлетико, но ситуацијата нагло се промени во корист на каталонскиот гигант.
Шпанските медиуми тврдат дека Ханси Флик дал зелено светло за трансферот, откако детално ја анализирал можната улога на Силва во својот систем. Германскиот стратег смета дека искусниот играч за врска би донел дополнителна креативност и контрола во средниот ред.
Во Барселона особено ја ценат можноста да го доведат без обештетување, што е огромен плус со оглед на финансиската ситуација во клубот. Каталонците паралелно работат и на трансферот на Хулијан Алварез, па во Мадрид со загриженост следат како две големи желби на Атлетико би можеле да завршат на „Камп Ноу“.