Адеми поради повреда ги пропушти последните два натпревари на Македонија, но има значаен придонес за историскиот успех на нашата репрезентација.
„Навивав од дома, бев пресреќен кога сè се заврши. Не само што сум среќен, туку сум и горд. Ова е голема работа за цела Македонија“, вели Адеми за „Спортске новости“.
„Навистина не знам како да ги објаснам последните успеси на Македонија… но, кога ќе ја погледнете репрезентацијата ќе видите дека во составот има навистина квалитетни играчи кои играат во силни европски клубови. Да, имавме и претходно такви играчи, но немавме вакви резултат. Веројатно сега после сите тие години, сè кликна како што треба“.
„Пред да се пласираме на Европското првенство, имаше многу критики за репрезентацијата. Но по тој пласман на ЕП, сè тргна кон подобро, се промени комплетната атмосфера“.
Адеми е оптимист дека Македонија може да го помине баражот иако е свесен дека ќе биде тешко.
„Нема да ни играат Елмас и Костадинов, а многу ни значат. Ќе биде тешко, но јас сум оптимист. Можеме по ЕП да се пласираме и во Катар. Нè очекуваат два многу тешки натпревари кои треба да ги поминеме. Не сме фаворити, па ќе мораме да играме на гостински терен во полуфиналето против силен противник. Тешко е, но не е невозможно. Се надевам дека ќе бидам здрав и подготвен за тие два одлучувачки натпревари, па Динамо Загреб ќе има уште двајца играчи на Светското првенство во Ристовски и мене“.