Таткото на бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар даде една интересна изјава. Прашан за периодот во Барселона и заминувањето од овој клуб, тој откри дека Нејмар сакал да замине самиот. Исто така зборуваше дека неговиот син не сакал да му го преземе местото на Меси во улогата прва ѕвезда на тимот.
„Одлуката за заминување беше негова, сакаше во ПСЖ. Бевме во тешка ситуација во Барселона, не знаевме што мислат челниците на клубот. Изгледаше дека во клубот сакаа Нејмар да го заземе местото на Меси, а тој тоа не го сакаше. Одлучи да замине, иако јас сакав да остане сè до последен ден. Тој сакаше да замине за да не ја преземе позицијата на Меси и да стане најголема ѕвезда на Барселона!“, изјави таткото на Нејмар.
Нејмар настапуваше за Барселона од 2013 до 2017 година, постигна 105 погодоци и подели 76 асистенции на 186 натпревари за клубот. Потоа замина во ПСЖ, а во моментов е дел од Ал Хилал.