Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг вели дека не го признава поразот од Тотнем поради тоа што црвениот картон кој го заработи Бруно Фернандеш, подоцна беше поништен од страна на ФА.
„Спарси“ доминираа на Олд Трафорд во финишот од септември и со головите на Џонсон, Кулушевски и Соланке стигнаа до победа од 0-3.
При водство од 0-1 на гостите, Бруно Фернандеш доби црвен картон за старт на Медисон, кој подоцна беше поништен од ФА.
Па поради ваквиот расплет на настаните, Ерик тен Хаг сега вели дека не го признава поразот од Тотнем.
„Не го признавам поразот, го игнорирам натпреварот против „спарси“ бидејќи останавме со 10 играчи при резултат 0-1… И потоа црвениот картон беше поништен. Целосно го игнорирам тој натпревар“ – вели тренерот на Манчестер јунајтед.
„Не може да се напрви фер анализа на нашиот тим бидејќи бевме спречени да се вратиме од негативата“.
„Но можете да видите дека овој тим не се предава, дека е одлучен. Го покажавме тоа против Брентфорд, го покажавме на две тешки гостувања во Европа – против Порто и Фенербахче. Покажавме дека овој тим има карактер, дека се бори до последен миг за да стигне до победа“.
Холанѓанецот исто така посочи дека големиот број на повреди е една од причините за лошите резултати.
„Не можеме да се прикажеме во најдобро светло поради повредите, а тоа се рефлектира и на нашата позиција на табелата. Ги немам сите играчи на располагање, не можеме да играме со најдобрите“.