Фудбалерите на Тиквеш сметаат дека се оштетени за чист гол во мечот со Вардар (0-1) во рамките на ПМФЛ.
На крајот на средбата длабоко во судиското продолжение беше поништен израмнувачки погодок. Потоа следеше скандал, бидејќи помошникот на Александар Ставрев беше погоден со предмет од трибина и мечот имаше предвремен крај. Иако имаше само минута-две за игра, судијата Ставрев го прекина мечот и тоа е заведено во записникот. Поради тоа Тиквеш веројатно ќе биде казнет поради пропусти во организацијата.
Денес на ден по мечот фудбалерите на кавадаречкиот прволигаш беа примени на координативен состанок во просториите на Општина Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев ја укажа неговата поддршка и најави дека ќе остане зад клубот во битката за правдата.
„По вчерашниот фудбалски натпревар помеѓу екипите на Тиквеш и Вардар на Градскиот стадион во Кавадарци, денеска по иницијатива на Градоначалникот Митко Јанчев се одржа координативен состанок со стручниот штаб, управата и фудбалерите на ГФК Тиквеш Кавадарци. На истиот претставниците од клубот рекоа дека се оштетени за чист гол и прекин на натпреварот и вината ја гледаат кај судијата Гоце Петрески, за што ќе бараат и негово санкционирање поради непрофесионалното судење и недолично однесување. Од страна на градоначалникот и општината како основачи и поддржувачи на клубот, како и од целиот тим на ГФК Тиквеш беше речено дека за случајот очекуваат објективност, но и дека се подготвени да покажат и докажат дека и оваа сезона ќе бидат најдобри. Тиквеш, секогаш ќе ја имате нашата поддршка“, напиша првиот човек на Општина Кавадарци.
Огромна е веројатноста Тиквеш да биде казнет со службен пораз, меѓутоа предвидена е и санкција со играње натпревари надвор од својот дом.