Фудбалскиот клуб Вардар меѓу второто и третото коло во ПМФЛ мораше да прави структурални промени. Горазд Михајлов се повлече од позицијата шеф на стручниот штаб, а негов наследник е Горан Петрески.
Човекот кој беше играчка легенда на Вардар е миленик на навивачите и тој ја доби довербата од управата да го поведе тимот. Преку клупските мрежи, Петрески ги сподели првите импресии и очекувања во новиот предизвик.
„Чувството е одлично. Ова е мој клуб, тука минав преку 20 години како играч и тренер. Сум имал неколку трофеи во младинските категории. Ова е еден од најголемите клубови не само во Македонија туку и пошироко. Горд сум за довербата што ја добив. Момците можат многу подобро, ќе работиме секојдневно. Сега почнавме да работиме според мојата филозофија. Сакам офанзивен фудбал, а се надевам за брзо време ќе го покажеме тоа на терен. Тие што ме познаваат, како човек скеогаш целам кон првото место. Нормално дека по лоши години доаѓаат нови ветрови и нови луѓе кои вложуваат во клубот и сакаат да го вратат на врвот. Се надевам дека ќе можеме да се бориме за излез во Европа, тоа ќе ни биде огромен успех“, изјави Петрески.