На програмата денеска се натпреварите од Второто коло во Првата Македонска лига, а во центарот на вниманието секако е дербито кое се игра на Арената во Скопје помеѓу Вардар и Пелистер.
По пауза од неколку сезони најголемото македонско дерби повторно ќе се игра во најсилната македонска конкуренција. Иако реалноста е дека двата тима сезонава веројатно ќе бидат далеку од врвот, сепак дуелот поради големото ривалство привлекува внимание.
Колку фудбалерите се мотивирани најдобро покажува изјавата на искусниот Мирко Ивановски кој пред дуелот порача дека чвуствува како да следи натпревар од Лигата на шампионите (ТУКА).
Неверојатно звучи податокот што Вардар на победа против Пелистер чека дури седум години (2017 година 1:0). Последните натпревари помеѓу големите ривали се играа во второлигашка конкуренција и двата завршија без победник 1:1 и 2:2. Претходно во Купот во 2021 година, Пелистер го победи Вардар со 1:0. Таа година го одиграа и нивниот последен натпревар во ПМФЛ, а дуелот заврши со резултат 2:0 за Пелистер. Во овој период одиграа и еден пријателски дуел на кој повторно немаше победник (2:2).
Во денешниот натпревар ако судиме по изданието во првото коло благата фаворитска улога може да му се препушти на Пелистер кој претходно ремизираше против Гостивар со 1:1, додека Вардар беше комплетно надигран од Брера и загуби со 3:1. Вардар изгледаше бледо во овој натпревар и можеше да прими и некој гол повеќе.
Сепак, тоа не мора ништо да значи ќе видиме како ќе биде вечерва на Арената од 20:00 часот.
Во останатите натпревари: Гостивар го пречекува Шкупи, Работнички гостува во Тетово кај Шкендија, Силекс игра дома со Брера, Струга ќе биде домаќин на Беса, додека во Кавадарци ќе се соочат Тиквеш и Воска. Овие средби се играат во терминот од 17:00 часот.