Дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер вели дека изминативе месеци биле најтешките во неговата кариера откако поради повреда го пропушти финалето во ФА Купот и Европското првенство.
Минатото лето, Хари Мегваер остана без капитенската лента, се посочуваше како петта опција за централната позиција во дефанзивата зад Лисандро Мартинез, Рафаел Варан, Виктор Линделоф и Лук Шо, и беше на чекор до трансфер во Вест Хем.
Сепак, Англичанецот успеа да се избори за место назад во тимот и забележа 31 настап, од кои 25 беше како стартер.
Но напорната работа му падна во вода во финишот од сезоната, поради повреда го пропушти финалето во ФА Купот и Европското првенство. Првичната дијагноза беше три недели, но фудбалерот три пати ја обнови повредата во желбата да се врати на терените.
„Веројатно тоа беа најтешките месеци во мојата кариера. Цела сезона напорно работев за да се доведам во ситуација да играм финале во ФА Купот и потоа Европско првенство. И потоа ме спречи една обична повреда на листот на ногата, повреда со која обично се паузира три недели“ – вели дефанзивецот.
„Но ете, три пати ја обновив повредата. Мислев дека ќе бидам фит за финалето, но ја обновив повредата. Мислев дека ќе бидам фит за Европското првенство, се приклучив на репрезентацијата и пак ја обновив повредата. Можеби подобро ќе беше уште во старт да знаев дека нимам никакви шанси и ќе се помирев“.
Запрашан дали останува во Манчестер јунајтед, тој вели: „Се додека некој не ми каже, „Ставен си на продажба“ или „Сакаме да заминеш“, ќе продолжам да играм за овој клуб. Од разговорите кои ги имав со сите, ми беше кажано дека сум дел од иднината на клубот“.