Титулата во Премиерлигата уште еднаш ќе се решава во последното коло, Манчестер Сити влегува со два бода предност во однос на Арсенал, и победа над Вест Хем ќе значи испишување на нова историја.
Во недела на програмата е последното коло во Премиерлигата, кое ќе го донесе новиот шампион на Англија.
Манчестер Сити влегува како фаворит откако синоќа со 0-2 славеше на гости кај Тотнем и има +2 на врвот на табелата.
За Арсенал да биде шампион, ќе мора да го добие својот дуел против Евертон и да чека услуга од Вест Хем.
Во претходните 32 сезони во Премиерлигата, во девет наврати титулата се решавала во последното коло и знаело често да има драма.
1994/95 – Блекбурн/Манчестер јунајтед
Блекбурн влезе во последното коло со два бода предност на врвот, но загуби на гостувањето кај Ливерпул со 1-2. Сепак, Манчестер јунајтед не успеа да го добие Вест Хем, одигра само реми, па титулата заврши во рацете на популарните „риверсајдерс“.
1995/96 – Манчестер јунајтед/Њукасл
Манчестер јунајтед оваа сезона надмина предност од 12 бода на Њукасл и со +2 влезе во последното коло. Поради супериорната гол разлика, им беше доволно и реми против Мидлзбро. „Ѓаволите“ славеа со рутински 3-0 и го осигураа шампионскиот наслов, а без тоа ќе беа шампиони откако Њукасл одигра само реми против Тотнем.
1998/99 – Манчестер јунајтед/Арсенал
Слично како и сега, на Арсенал му требаше услуга од Тотнем. „Топчиите“ си ја завршија работата и победија против Астон Вила, но помошта од локалниот ривал не дојде, Манчестер јунајтед и покрај тоа што губеше со 0-1, направи пресврт, славеше со 2-1 и се радуваше на нова титула.
2007/08 – Манчестер јунајтед/Челси
Челси беше во страшна серија, 20 натпревари не знаеше за пораз и во 36. коло го совлада Манчестер јунајтед со 2-1 за да се израмнат по бројот на бодови. Сепак, „ѓаволите“ имаа подобра гол разлика и имаа се во свои раце. Манчестер јунајтед го победи Виган со 2-0, додека пак Челси во финишот киксираше против Болтон и одигра само 1-1, па Сер Алекс Фергусон и неговите избраници се радуваа на титулата број 10.
2009/10 – Челси/Манчестер јунајтед
„Сините“ две години подоцна добија шанса да се ревашираат, во последното коло влегоа со бод предност во однос на Манчестер јунајтед. Челси не погреши, со 8-0 го збриша Виган на Стемфод Бриџ, па и покрај победата на „ѓаволите“ од 4-0 против Стоук, се редуваа на титулата.
2011/12 – Манчестер Сити/Манчестер јунајтед
Ова е еден од најпознатите моменти во историјата на Премиерлигата, Манчестер Сити и Манчестер јунајтед во последното коло влегоа со ист број на бодови, „ѓаволите“ беа први поради подобрата гол разлика.
Манчестер јунајтед ја заврши својата работа против Сандерленд и чекаше вест од Етихад, каде Манчестер Сити долго време губеше од КПР. Но потоа Џеко и Агуеро погодија во судиското надополнување и „граѓаните“ за прв пат станаа шампиони на Англија.
2013/14 – Манчестер Сити/Ливерпул
Ова е сезоната со фамозното лизнување на Џерард против Челси, кога „црвените“ изгубија на Енфилд, а потоа испуштија и три гола предност против Кристал Палас, па Манчестер Сити во последното коло влезе со два бода предност.
„Граѓаните“ не погрешија против Вест Хем, славеа со 2-0 и се радуваа на нова титула, залуден беше кам-бекот на Ливерпул против Њукасл и победата од 2-1.
2018/19 – Манчестер Сити/Ливерпул
Манчестер Сити и Ливерпул доминираа оваа сезона, заедно освоија 195 бода и во последното коло влегоа со само еден бод разлика. Но „граѓаните“ не киксна, со 4-1 славеа на гости кај Брајтон и станаа шампиони, а „црвените“ со освоени 97 бода мораа да се задоволат само со вицешампионскиот наслов.
2021/21 – Манчестер Сити/Ливерпул
Ова беше ново продолжение на сагата, Манчестер Сити во последното коло влезе со еден бод предност, и Ливерпул веруваше дека овој пат ќе му се реваншира на ривалот, Астон Вила водеше со 0-2 на Етихад.
Сепак, „граѓаните“ во второто полувреме направија голем пресврт, триумфираа со 3-2 и повторно стигнаа до титулата пред Ливерпул.