Утре со почеток од 20:45 часот Македонија ја пречекува Англија. На мечот на Олд Трафорд го доживеавме најтешкиот пораз во нашата историја, целта утре е да го поправиме впечатокот и да покажеме дека тоа беше само лош ден.
„Ние веќе направивме многу измени и во составот и во начинот на кој функционираме на самиот терен. Во циклусот во септември и ноември, со нас се нови млади играчи, сега сме во фаза на создавање на тим. Нормално е кога имате млади играчи да имате осцилации во играта со слаби и добри резултати, но овие натпревари кога играте со најдобрите во Европа и светот се шанса да ги тестирате вашите можности. Ние учиме од секој натпревар, па и од тој на „Олд Трафорд“, направивме многу измени и сега сметам дека нашата селекција има нов лик со млади играчи кои донесоа многу позитивна енерија“. изјави Милевски.
Веќе долго време проблем во репрезентацијата е малата минутажа која ја имаат играчите во своите клубови.
„Свесни сме дека тој проблем е актуелен, не само сега, туку неколку месеци наназад. Ростерот е тој што е, играчите имаат проблеми во своите клубови, но ние од тука не можеме да направиме ништо за да им олесниме. Мораме да се надеваме дека ќе се променат нивните позиции во клубовите, за да бидат во подобра ситуација и кога се тука во репрезентацијата. Уште еднаш сакам да им честитам на момците затоа што не само што даваат се од себе, туку и повеќе од тоа. Против Италија веќе во 70-тата минута имавме играчи кои се жалеа на замор, не е воопшто лесно против актуелниот европски шампион да додјете блиску до враќање по 3:0, ниту физички, ниту ментално“.