Вардар загуби од Гостивар и падна на последното место, победи за Шкендија, Шкупи и Струга

by
4 минути читање

Најтрофејниот Вардар го запиша вториот пораз по ред, а петти во седум меча досега сеознава, откако досегашниот фенерџија Гостивар славеше со по еден гол во двете полувремиња со 2-0 во дербито на дното, за сега да им го препушти последното место на црвено-црните.

Ларне Кехинде во 31-та минута постигна гол за воство, на полувреме вардарци останаа без тренерот Александар Васоски во тензичниот финиш, кога судијата Стојанче Стојанов му покажа црвен картон после реакцијата на кормиларот на црвено-црните зашто не дозволил да се изведе слободен удар од 30-на метри, а Гоба две минути пред крајот стави печат на втората сезонска победа на Гостивар, кој сега дојде на претпоследното место.

Ералдо Чинари со голот во 59-та минута ја врати Шкендија на победничкиот колосек по два меча без победа, за да ги скрши незгодните „лавови“ од Ѓорче Петров, а тетовси се зацврстија на првото место после триумфот со 1-0.

Шкупи прими гол по 11 секунди (Алекса Марушиќ), па до полувреме направи пресврт откако голманот на Воска, Хадис Велии го почести Сахити за гол за израмнување, а Дуду после пола час даде гол од пенал, за Арби Воша да ја обезбеди победата седум минути во вториот дел. Марушиќ постигна втор гол од пенал седум минути пред крајот, но Воска не успеа да се избори за реми.

Шампионот Струга со гол на Арди Идризи во 50-та минута донесе четврта победа сезонава во пет меча, со 1-0 против Работнички, откако Бесарт Ибраими во последната минута од првиот дел промаши пенал.

Многу возбудлив меч одиграа Брера и Силекс, во ремито 1-1 во Струмица, во меч на кој Христијан Малески погоди пречка, па Марко Ѓорѓиевски даде гол за водство на кратовци во 26-та минута, а Марко Алчевски во вториот дел му одбрани пенал на Дарко Анѓелески при 1-0 за Силекс и во последните пола час Брера да игра со фудбалер повеќе после исклучувањето на Марјан Ристовски.

Димитар Трајков во 76-та израмни, Марио Врдољак погоди дирек, но струмичани кои целосно го притиснаа Силекс барајќи гол за победа, не успеаа да дојдат до втор погодок за триумф и излез од мини-кризата. Ова за нив е четврти меч по ред на кој немаат триумф, после четирите победи на стартот на сезоната.

Тиквеш со 2-1 славеше над Брегалница, исто така во многу интересен меч во кој штипјани поведоа преку Колин Андерсон, а Едис Спахиу и Иван Ивановски дадоа голови за пресврт.

ПРВА ЛИГА, 8. КОЛО

Брера – Силекс 1-1 (0-1)

Трајков 76 – Ѓорѓиевски 26

Шкендија – Македонија ЃП 1-0 (0-0)

Чинари 59

Струга – Работнички 1-0 (0-0)

Идризи 50

Тиквеш – Брегалница 2-1 (0-1)

Спахиу 51, Ивановски 90 – Андерсон 23

Вардар – Гостивар 0-2 (0-1)

Кехинде 31, Гоба 88

Воска Спорт – Шкупи 2-3 (1-2)

Марушиќ 1, 83 п. – Сахити 12, Дуду 34 п., Воша 53

ТАБЕЛА: Шкендија 16 (7), Шкупи 15 (8), Брера 14 (8), Силекс 13 (8), Тиквеш 13 (8), Струга 12 (5), Работнички 10 (8), Брегалница 9 (8), Македонија ЃП 8 (8), Воска спорт 7 (7), Гостивар 6 (8), Вардар 4 (7).

@2024 – Сите права задржани