На 78-годишна возраст почина Кирил Дојчиновски. Тој беше роден на 17. октомври 1943 година во Скопје, ќе биде запишан како првиот Македонец кој настапил на едно Светско фудбалско првенство. Тоа се случи на Мундијалот во Западна Германија во 1974 година. Дојчиновски тогаш како фудбалер на Црвена звезда беше дел од селекцијата на Југославија.
Дојчиновски својата кариера ја почнува во Вардар за кој играше пет сезони, од 1962 до 1967 година. Потоа се пресели во Црвена звезда каде остана седум години, до 1974 година. Од Црвена звезда има добиено и признание за една од најголемите легенди во историјата на клубот.
После Црвена звезда се сели во Франција каде играше за клубовите на Троја и ФК Париз. Таму и ја заврши фудбалската кариера.
Откако заврши со играчката кариера, ја почна тренерската. Најпрво работеше во Луис Фирпо од Ел Салвадор со кој стана двократен шампион, беше и селектор во оваа земја. Беше тренер и на Вардар, Ираклис, Македонија ЃП, Пелистер, Брегалница… Со фудбалот заврши таму каде што и почна, како тренер на ФК Вардар во сезоната 2007/2008 која беше една од најтешките пресвртни години во историјата на клубот.
Кирил Дојчиновски поради огромните заслуги за македонскиот фудбал е добитник на Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет.