Шкендија со победа од 2-1 се врати од гостувањето кај Валмиера во Летонија, па тимот на Артим Шаќири е голем фаворит за пласман во следното квалификациско коло од Конференциската лига.
Шаќири вели дека и покрај победата во Летонија, тие денешниот меч ќе го почнат како да е 0-0.
„Без оглед на победата на првиот меч, максимално подготвени ќе влеземе и почнуваме од 0-0. Нема теорија да се потпреме на тоа што се случуваше пред една недела. Нема ништо лесно, но ние ќе покажеме дека заслужено победивме и на првиот меч. Одиме да ја потврдиме победата и дома“, вели Шаќири.
Натпреварот меѓу Шкендија и Валмиера се игра на Арената „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот.
Еден час порано Македонија Ѓорче Петров ќе го почне гостувањето кај ЦСКА Софија, натпреварот во Скопје заврши без голови, 0-0.
ЦСКА Софија е сериозен фаворит во овој двомеч, но фудбалерите на Бајрами во Скопје покажаа дека можат да се носат со противникот. Македонија Ѓорче Петров беше рамноправна иако цело второ полувреме играше со фудбалер помалку. Па подлога за изненадување има.
„Нѐ чека реваншот после првиот меч кој заврши 0-0 и сега сѐ почнува од нула. Јас останувам на тоа дека ЦСКА е фаворит, таа улога комплетно им ја препуштаме. Во Скопје одигравме тактички дисциплинирано, тркачки, успеавме да ги затвориме сите добри страни на ЦСКА. Сега сосема поинаков меч нѐ чека, сосема друг тип, ама јас верувам во момците дека ќе одиграме повторно одличен меч. А, на крајот ќе видиме каков ќе биде резултатот“, вели Бајрами.
Мечот меѓу ЦСКА Софија и Македонија Ѓорче Петров почнува од 19 часот.