Тој е среќен за победата, но вели дека нема многу простор за радост, бидејќи веднаш треба да се насочат кон следните предизвици.
„Игравме против цврста екипа која игра во два блока и чека контри, имаат и брзи напаѓачи. Денеска во фудбалот нема лесни противници, ова сепак е шампион на својата држава. Продолжуваме по нашиот пат, мораме да се регенерираме и одиме понатаму. Знам што значи Динамо на овие простори и мило ми е што така убаво беше примен во мојот град. Фудбалот не ти дава многу простор за славење. Одиме понатаму“, вели Ристовски.
Стефан Ристовски играше за Вардар, па вели дека никогаш не ни помислувал дека во дресот на Динамо Загреб ќе игра на „градски“.
„Супер поминаа овие два дена. Почувствував срдечен дочек. Уште како мал додека играв во Вардар знаев што значи Динамо на овие простори. Никогаш не сум помислил дека со Динамо ќе заиграм на овој стадион на кој пораснав. Мило ми е што баш тука победивме и поминавме понатаму“.