Шкупи оствари одличен резултат во Загреб и ги подгреа надежите дека може да направи сензација и да го елиминира големиот противник кој се навикна да игра во групните фази од натпреварувањата на УЕФА.
Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски е свесен дека Динамо Загреб останува фаворит, но неговите момци ќе дадат се од себе за да направат чудо.
„Во Загреб остваривме поволен резултат, но утре не чека нов навистина тежок натпревар. Знаеме дека тие 2-2 не треба да нè залажуваат затоа што пред нас е максимално сериозен противник како Динамо Загреб, за кого знаеме што и како значи во европски рамки. Но, токму тоа значи и дека притисокот е кај нив и ние тоа треба да го искористиме. Многумина истакнуваат дека противникот нè потценил на првиот меч, но јас ќе прашам кој би можел да си дозволи во Лига шампиони да потцени противник? Не, напротив, ние одигравме на едно ниво иако покажавме и доста недостатоци кои ќе мора да ги корегираме“, вели Седлоски.
„Секако повторно хрватскиот шампион е фаворит, но ако ги погледнам овие изминати денови на кои работевме по натпреварот навистина ми даваат позитивни надежи затоа што гледам со каков мотив и елан фудбалерите го чекаат утрешниот дуел. Знам дека ќе го дадат максимумот, и се надевам со една добра игра повторно да дојдеме до добар резултат кој би не однел во следната рунда од квалификациите за ЛШ“.
„Ги повикувам навивачите да бидат нашиот 12-ти играч, сите љубители на фудбалот во Македонија. Свесни сме каква шанса имаме и ќе го дадеме најдоброто од себе, па се надевам дека ќе одиме понатаму. Динамо секоја година игра во ЛШ и ЛЕ. Ние ќе одиме на победа, а ќе тргнеме како што ќе ни дозволи противникот. На ниеден меч досега не сме се бранеле, ниту планирам да се бранам и сега. Нека публиката биде со нас, а ние ќе се обидеме да возвратиме со позитивен резултат“.