Македонскиот тим во Полска не одигра толку лошо колку што е лош резултатот, од таму и се црпи вербата дека во Скопје може да се случи чудо.
„Лехија беше фаворит и пред овој двомеч и можеби нас ни падна најтешкиот противник, но ние одигравме добар меч во офанзива, направивме многу шанси, но ги пропуштивме и за мене многу нереален е резултатот, ама не се откажуваме. Веруваме во успех, дека може да одиграме како во Полска и ако ги искористиме шансите, а добро затвориме во дефанзива, можеме да се надеваме. И ќе се бориме сѐ додека имаме шанса за успех. Нас ни треба перфектен меч, како офанзивно, така дефанзивно. Што се вели – без грешка!“, вели Ѓорѓи Стојчев, тренерот на Пандевци.
„Лехија има опасни играчи, играчи од висок калибар кои знаат и најмала ситна грешка да ја искористат. За нас европските мечеви се тешки бидејќи се игра во високо темпо, а можеби некои моменти на првиот меч беа одлучувачки, токму поради тој висок ритам. Но, имаме ние млади фудбакери, кои ако покажат сѐ што покажаа во Полска може да се радуваме. Мора да бидеме како тим, да влеземе агресивно, силно, но да не бидеме безглави. Треба да ја чекаме секоја шанса. Ние позитивно влегуваме во мечот, да предноста е голема и жал ми е за резултатот од првиот меч, но имаме верба и за нас ова е голем меч исто како во Полска и среќни сме што ќе го играме“.
Капитенот Диме Димов вети максимум на утрешниот натпревар и се надева на ран гол кој ќе го направи мечот поинтересен.
„Очекувам да дадеме максимум, зашто нема што да загубиме, иако нереален е тој резултат од првиот меч. Мислам дека со ран гол ќе го направиме поинтересен мечот. А, ако сакаме да се надеваме на чудо, прво мора да ја сочуваме мрежата. Ни треба 200 отсто подготвеност, зашто секоја ситница и невнимение Полјаците знаат да ја казнат. Спортски е да се надеваме на успех“.