Младата
македонска фудбалска репрезентација за играчи до 21 година утре со почеток од
15 часот го игра натпреварот на гостински терен кај Фарските Острови во рамките
на квалификациите за Европското првенство кое во 2023 година е предвидено да се
одржи во Романија и Грузија.
Репрезентативецот
Али Адем смета дека не постои слаб противник во денешниот фудбал, меѓутоа
уверува дека тој и неговите соиграчи со нетрпение го очекуваат утрешниот меч,
ветува максимално вложување на теренот за да се освојат посакуваните три бода,
односно прва победа во овие квалификации.
„Максимално
сме фокусирани на натпреварот со Фарски Острови, со нетрпение го очекуваме
утрешниот дуел. Имаме доволно време да се прилагодиме на временските прилики
тука, и да се подготвиме што подобро за мечот. Одиме чекор по чекор, верувам во моите соиграчи, имаме квалитет и
доколку одиграме како што од нас очекува селекторот, ке ја оствариме целта, а
тоа е да се вратиме дома со три бода“ вели Адем.
„Нема да
биде лесно, во денешниот фудбал нема слаба репрезентација, истото важи и за
нашата група. Фарски Острови е незгодна селекција, особено кога игра на домашен терен. Играме
на мал стадион, со вештачка трева, нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе
за да ги освоиме трите бода“ додаде
тој.
Во стартните три
кола од квалификациската група „Х“, избраниците на Драги Канатларовски се
наоѓаат на последното место со само еден освоен бод, од ремито без голови
против Србија на свој терен, а имаат и убедлив пораз кај Франција со 3-0.