Шкендија во Словенија отпатува со надеж дека може да го врати загубеното од Скопје, но наместо тоа се врати со полна мрежа и тежок пораз.
Тетовскиот клуб добро го почна мечот, беше рамноправен, но Бобичанец во 25. минута донесе водство за Мура.
Клучниот момент се случи во 42. минута, Кривак заработи втор жолт картон и ја остави Шкендија со фудбалер помалку.
Таквата предност Мура почна брзо да ја користи, во судиското продолжение од првиот дел Бобичанец даде нов гол за водство од 2-0.
По десет минути игра во вториот дел Клепац зголеми на 3-0, а во 64. минута Коус погоди за 4-0.
Конечните 5-0 за Мура ги постави Клепац со својот втор гол на мечот во 87. минута.
Шкендија го заврши настапот во квалификациите за ЛШ, но се префрла во Конференциската лига.