По поразот од Австрија, Македонија мора да освојува бодови на следните два меча за да се пласира во осминафиналето од Европското првенство. Следен противник ни е селекцијата на Украина.
„Ние сме горди што играме на Еуро 2020, горди сме на мечот со Австрија, иако резултатот не беше добар за нас, но ние даваме сѐ од себе и сега најважно е брзо да се рекуперираме, немаме многу време за следниот меч, ова е турнир, но најважно е дека сѐ уште уживаме, сѐ уште се забавуваме и ништо не е готово. Треба добро да анализираме, да ги поправиме грешките од мечот и Украина за нас е финале, ама и за нив. Но, сѐ ќе зависи од нас. Ова ќе биде посебен меч и за двете селекции, зашто и ние и тие, имаме по нула бодови и мислам дека кој ќе победи има голема шанса да ја помине групата“, вели Алиоски.
„Мора да играме на победа, мора да бидеме таа Македонија, да ја покажеме нашата моќ, да ја играме нашата игра. Против Австрија игравме добро 75 минути, но нѐ ‘уби’ вториот гол и за жал изгубивме. Сега треба да играме како со Австрија во тие 75 минути, но цел меч од 90. Треба само повеќе да веруваме во нас, да веруваме дека ќе победиме, за после мечот да не жалиме за ова или она. Треба да се фокусираме дека овој меч за нас е како финале, а имаме квалитет за да победиме. Треба да се фокусираме само на Украина. Ние дури и да одигравме најдобро со Австрија, ќе мораше против Украина да бидеме уште подобри. Таков е фудбалот, може да не играш добро, а да освоиш бодови и сите ќе речат дека сме биле добри. Резултатот е тој што е најважен, а ние имаме квалитет да одиграме добар меч, имаме добри индивидуалци. Одиме да победиме, со повеќе самодоверба, да не се плашиме, да не се предаваме и да играме до крај“.
„Украинците играат убав фудбал, имаат многу јаки напаѓачи, добри индивидуалци, кои може да бидат опасни, ако не сме внимателни и затоа ќе мора да не им дозволиме многу да ни се приближуваат кон голот. Треба да сме многу добри тактички во дефанзива, зашто Украина е тим на кој мора да се внимава, а тоа го покажаа и со Холандија кога дадоа два гола. Најдобро е што тие се фаворити и што притисокот е врз нив“.