Реина од трагичар во херој, Милан ја победи Џенова (ВИДЕО)

by
1 минути читање

Милан ја совлада Џенова, а Марко Џампаоло можеби привремено се спаси од отказ.

На загревањето Донарума се пожали на повреда, па Пепе Реина го зазема неговото место.

Токму по еден голем кикс на Реина, Шене во 41. минута донесе водство за Џенова од 1-0.

По шест минути игра во вториот дел Тео Хернандез со интересен гол од мртов агол го изедначи резултатот на 1-1.

Пет минути подоцна спорна ситуација во шеснаесетникот на Џенова. По консултација со ВАР која долго траеше и преглед на снимката судијата покажа пенал за Милан. Дилемата беше кој играше со рака дали Бираски или Леао, или и двајцата. Бираски доби црвен картон, а Кеси беше прецизен од белата точка за пресврт и водство на росонерите од 2-1.

На десет минути пред крајот силите на теренот беа изедначени, Калабрија доби втор жолт картон, па и Милан остана со фудбалер помалку.

Во 88. минута Пандев влезе во игра, и две минути подоцна одлично асистираше до Куаме кој изнуди пенал од Реина. Иако од снимките се гледаше дека се работи за симулација, судијата не се предомисли и по консултацијата со ВАР. Шене го шутираше пеналот, но Реина одбрани и од трагичар стана херој на овој натпревар.

Со овој резултат од мечот Џампаоло можеби се спаси, но тренерот на Џенова, Андреацоли би требало да добие отказ бидејќи има освоено само пет бода на седум меча.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×