Мадридски „АС“ синоќа
имаше ексклузива за иднината на Герет Бејл и пренесе дека директорот Хосе Анхел
Санчез во понеделникот се сретнал со агентите на играчот и ги известил дека
Герет Бејл ќе биде ставен на трансфер листа.
Како знак на
благодарност тие ќе му дозволат на Велшанецот да го избере следниот клуб,
секако доколку понудите кои ќе пристигнат горе-долу се исти.
Весникот денеска
имаше нова сторија на оваа тема и објави дека Реал Мадрид ја одредил цената на
Герет Бејл, „кралевите“ за услугите на играчот ќе бараат 130 милиони евра.
Ова е прилично
висока сума, но лидерите на Реал сметаат дека е во согласност со зделките кои
се правеа изминатиов период (Нејмар за 222 милиони евра, Мбапе за 180 милиони
евра, Кутињо за 160 милиони евра, Дембеле за 145 милиони евра).
„АС“ додава дека
ако во предвид се земе и високата нето плата од околу 15 милиони евра по сезона
(која со даноци чини 30 милиони евра), клубовите кои можат да си дозволат
ваков трансфер се бројат на една рака.
Реал Мадрид исто
така може да го употреби играчот како адут во преговорите за ангажман на
одредени желби на Зинедин Зидан. Па Велшанецот може да биде понуден на
Манчестер јунајтед (плус одредена сума на пари) за „кралевите“ да стигнат до
Пол Побга. Или пак Герет Бејл да му биде понуден на Тотнем во трампа за
Кристијан Ериксен.
Останува да се
види дали ќе се најде клуб кој ќе плати 130 милиони за Велшанецот, кој за
неколку месеци ќе наполни 30 години. Герет Бејл во минатото често се мачеше со повреди,
а оваа сезона кога требаше да покаже дека може да го предводи Реал Мадрид,
целосно потфрли па секој меч на Бернабеу добива свирежи од публиката.
Само за
потсетување, Реал Мадрид минатото лето му дозволи на својот најдобар играч
Кристијано Роналдо да замине за 100 милиони евра, сума која Јувентус треба да
ја плати на две рати.