Кардиф минатиот
месец го купи Емилијано Сала за рекордни 15 милиони фунти (17 милиони евра), но
напаѓачот никогаш не го облече дресот на „сините птици“ откако авионот со кој
Аргентинецот патуваше за Велс за да ја започне новата авантура исчезна над Англискиот канал.
И покрај ваквиот
трагичен расплет на работите, Нант очекува Кардиф да ја подмири сметката
што побрзо и попладнево БиБиСи пренесе дека „канаринците“ се заканиле со тужба
доколку за десет дена не ја добијат првата рата од 6 милиони евра.
Се говори дека
Кардиф нема намера да ја избегне оваа обврска, но клубот сака најпрво истрагата
за инцидентот целосно да биде завршена и да се дојде до вистината за немилиот
настан.
Во разговор со
Лекип, претседателот на Кардиф, Мехмет Далман ги потврди сториите и побара од
Нант да покаже малку поголема почит кон семејството на Емилијано Сала.
„Ова е прилично чувствителна тема, па само ќе кажам дека сториите се точни. И да бидам искрен, не
сакам да кажам ништо повеќе“ – вели Далман. „Зошто? Па телото на Сала се уште
не е пронајдено. Мораме да покажеме почит кон неговото семејство. Се прават
напори да се извлече авионот. Премногу е рано да говориме за било што“.
Запрашан
конкретно дали ќе ја подмират првата рата во поставениот временски рок, тој
додава: „Кардиф никогаш не кажал дека нема да плати“.