Франција не беше помеѓу главните фаворити на мундијалот, избраниците на Дидје Дешам ниту пак импресионираа со своите настапи, но тактиката за која се решија на крајот беше добитна па „Триколорите“ стигнаа до вториот наслов светски шампиони.
Новите херои на Франција вчера се вратија дома, парадираа на Шанзелизе со пехарот а потоа беа примени од претседателот Емануел Макрон во Елисејската Палата. По крајот на прославата, медиумите побрзаа да ги потсетат ѕвездите што говореа пред да заминат за Русија и ветувањата кои ги дадоа.
Се чини дека најтешко ќе помине фудбалерот на Јувентус, Блес Матуиди кој вети дека ќе вози со велосипед од Париз до Торино доколку стигне до златото. Дестинацијата не е мала, речиси 800 километри.
Интересно ветување даде и Адил Рами, кој најави борба со Теди Ринер, светски и олимписки шампион во џудо. Дефанзивецот на Марсеј веќе го исполни дадениот збор, но помина лесно со оглед на тоа дека е добар пријател со борецот.
Ќе биде интересно да се види како убавецот Оливие Жиру ќе изгледа со новиот имиџ, напаѓачот вети дека ќе се шиша „лустер“. Новинарите на ТФ1 синоќа понудија во живо да му ја скратат косата но тој одби. Фудбалерот на Челси сепак вети дека сам ќе го стори тоа но по крштевката на неговото дете на 22. јули.
Со слично ветување излезе и Флoријан Тован, кој исто така најави дека ќе ја скрати косата, а нов имиџ вети и Томас Лемар, кој треба да ја фарба косата.
Корентин Толисо најави дека ќе се тетовира, најверојатно тоа ќе биде пехарот, а најлесно ветување имаше капитенот Хухо Лорис, кој треба да се пијанчи во родната Ница и да оди од паб во паб цел ден.