Каде е и што прави најголемиот хрватски идиот, Никола Калиниќ?

by
2 минути читање

Хрватска како и секоја селекција Светското првенство го почна со 23 фудбалери во составот. Но по првиот меч остана со играч помалку, селекторот Златко Далиќ одлучи да го избрка Никола Калиниќ, да го прати дома поради недисциплина.

Во финишот од натпреварот со Нигерија во рамките од првото коло на Светското првенство, Далиќ му рекол на Калиниќ да влезе во игра, но овој одбил со изговор дека не е подготвен, го боли грбот. 

Играчот кој во изминатата сезона ја прегреа клупата на Милан и во некои од пријателските натпревари одбил да игра. Мечот со Нигерија беше само капакот на неговото непристојно однесување по кое му беше покажана излезната врата од хрватската репрезентација.

Поддршка за селкторот Далиќ стигна од сите страни, од хрватската јавност, фудбалските легенди на оваа земја и актуелните играчи во составот. А „ѕвездата“ Калиниќ последен пат беше сликан како со куферот се враќа дома.

Егото на Калиниќ беше поголемо од тимскиот дух на Хрватска кој на ова првенство е како никогаш досега, тој заслужено беше избркан од репрезентацијата и веројатно веќе никогаш нема да го облече дресот со „коцки“. Ако останеше сигурно ќе добиеше шанса, ќе беше стартер најмалку на мечот со Исланд на кој Далиќ им даде шанса на сите, Хрватите три пат играа продолженија, па без сомнение ќе имаше добра минутажа и за него, но тој помисли дека е поголем од Хрватска.

Што се случи откако замина? Веќе на следниот меч Хрватска ги понижи Аргентина и Меси со победа од 3-0, со втор состав го совлада Исланд и преку Данска, Русија и Англија стигна до финалето на Светското првенство, успех каков што не можеше ниту да се замисли!

Без разлика што и да се случи на последниот натпревар, фудбалерите на Хрватска направија историја, во својата земја ќе бидат пречекани како херои, нивните имиња со златни букви ќе бидат запишани како членовите на најдобрата генерација на хрватската фудбалска репрезентација.

А каде е и што прави Никола Калиниќ сега? Никој не знае. Можеби ги гледа натпреварите на телевизија, можеби не. Се радува ли воопшто на успехот на неговите колеги? Можеби е на некоја плажа. Како ќе му биде кога ќе треба да се прошета низ улиците на некои хрватски град? Што ќе зборуваат луѓето за него?

Не е важно кој колку играл, Хрватска има 22 фудбалери кои дишат како едно, гинат за репрезентативниот дрес, ги цедеа последните капки пот, играа три натпревари по 120 минути и направија нешто незамисливо. 22 херои и еден идиот, Никола Калиниќ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани