Чудо на Светското првенство, Хрватска е во финале, кој ќе кажеше дека може вакво нешто да се случи пред почетоткот на Светското првенство, но Хрватите заслужено се таму.
Разочарување за англиската нација која веќе се гледаше во финалето, имаа водство, ја имаа играта под контрола речиси 70 минути, а откако примија гол комплетно паднаа.
Натпреварот веднаш почна со возбудувања, по само пет минути игра Трипие постигна прекрасен гол од слободен удар за водство на Англија од 1-0.
Хрватска се обидуваше да дојде до брзо изедначување но тешко и одеше, Ребиќ имаше два обиди но не многу опасни за Англичаните.
Во 36. минута Лингард се најде во одлична позиција, беше немаркиран, шутираше, но само крај голот на Пикфорд.
Англија ја диктираше играта, а Хрватска не направи ниту една посериозна шанса за гол во првото полувреме. Таква беше играта и на почетокот од вториот дел но се се промени во 68. минута.
Шиме Врсаљко центрираше, Перишиќ одлично се снајде, шутираше со нога пред главата на Вокер и Хрватска изедначи на 1-1.
Голот како да им даде ветер во грб на Хрватите, тие почнаа да одат по победата, Англичаните се бранеа.
Во 72. минута Иван Перишиќ се избори за одлична позиција, биеше но ја погоди стативата. Топката дојде до Ребиќ кој беше во убава позиција, но неговиот удар го одбрани Пикфорд.
Десет минути подоцна уште една голема шанса за Хрватска, биеше Манџукиќ, Пикфорд беше убаво поставен и го одбрани ударот на Хрватот.
Хрватска беше многу подобра до крајот на регуларните 90 минути но не успеа да дојде до нов погодок и натпреварот отиде во продолженија.
Во 99. минута Англија имаше фантастична можност, Џон Стоунс шутираше со глава, еден од хрватските фудбалери од гол линијата спаси.
Пред самиот крај на првото породолжение Хрватска имаше фантастична шанса, Манџукиќ шутираше од близина, Пикфорд го одбрани неговиот удар.
Но по четири минути во второто продолжение, Перишиќ додаде до Манџукиќ кој овој пат беше подобар од Пикфорд, ја погоди неговата мрежа и Хрватска поведе со 2-1.
Хрватите го задржаа водството и по последниот свиреж на судијата славеа историја. Ја надминаа генерацијата од 1998 година и се пласираа во финалето на Светското првенство.
За големиот пехар ќе се борат против Франција, а Англија ќе игра со Белгија за утешното трето место.