Франција е првиот полуфиналист на Мундијалот во Русија откако со 2-0 го совладаа Уругвај во денешниот четвртфинален дуел одигран на стадионот во Нижни Новгород.
Рафаел Варан, Гризман но и голманот на Уругвај, Муслера се најзаслужни за триумфот на Французите.
До 40. минута речиси ништо не се случи на мечот меѓу Уругвај и Франција, а тогаш по центаршут на Гризман, Варан постигна убав гол со глава за водство на Французите од 1-0.
Четири минути подоцна Уругвај имаше фантастична можност да израмни, Касерес биеше со глава, но Лорис ја имаше една од најубавите интервенции на Светското првенство и успеа да одбрани. Топката дојде Диего Годин кој од само неколку метри го промаши голот.
Во второто полувреме Уругвај се обиде да игра нешто поофанзивно, но тоа оставаше простор за француските фудбалери.
Натпреварот беше решен во 61. минута кога Гризман биеше силно од дачелина, топката одеше право во Муслера кој направи огромен кикс и топката заврши во мрежата зад неговиот грб.
До крајот на мечот Франција ја контролираше играта и буквално не дозволи Уругвај ниту да се закани кон голот на Лорис.
Французите заслужено се меѓу најдобрите четири на Светското првенство, во полуфиналето ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Бразил и Белгија.