Тите сега го брани Нејмар но не зборуваше така пред 6 години: Тој е лош пример за син ми!

by
2 минути читање

Глумата на Нејмар во Русија е една од топ темите изминативе денови. Големиот број од фудбалските љубители ширум светот се незадоволни од она што го гледаат и сметаат дека Бразилецот претерува со своето однесување. Целата работа отиде дотаму што статистичарите пресметаа дека тој речиси 14 минути се превртувал на терените во четирите меча на „Кариоките“ на Светското првенство.

Пет минути беа загубени поради тоа што Нејмар лежеше на тревата против Мексико, од кои цели две минути по стартот на Лајун, кој го нагазна Бразилецот покрај аут линијата.

За тоа колку театрално реагираше Нејмар имаше големи шеги на социјалните мрежи а селекторот на „Ел Три“, Осорио рече: „Тој не е добар пример ниту за фудбалот ниту за децата кои гледаат. Ова е спорт за мажи, нема простор за циркузантски работи“.

Кога Нејмар на прес беше запрашан за овие коментари, Тите веднаш скокна во негова одбрана и одговори место напаѓачот.

„Како одговор на Осарио само ќе кажам дека луѓето треба убаво да ги погледната повторените снимки и се ќе видат“ – порача селекторот на Бразил.

Но Тите не зборуваше вака пред шест години, кога како тренер на Коринтијанс се сретна против Нејмар и Сантош. Тогаш Нејмар слично се превртуваше на тревата по еден старт на Емерсон, за кој фудбалерот на Коринтијанс доби црвен.

„Победите и поразите се дел од фуаблот, но да се преправате и да се обидете со глума да дојдете до предност тоа не е фудбал. Тоа е лош пример за младите, за децата, за мојот син“ – рече тогаш стратегот.

Некогашниот критичар сега прв скокува во одбрана на Нејмар. Медиумите избројале дека Тите од осум интервјуа во Русија, го бранел напаѓачот на шест, дури и кога не бил конкретно прашан за фудбалерот на ПСЖ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани