Нигерија имаше можност за осминафинале на мундијалот во Русија, но „Супер орлите“ го загубија клучниот меч со Аргентина, Маркос Рохо погоди во 86. минута за 2-1.
Една недела по мечот во Санкт Петербург, Џон Оби Микел открива каква драма доживел пред овој меч откако бил известен дека неговиот татко е киднапиран. Тој наместо да се фокусира за клучниот меч со „Гаучосите“ преговарал со криминалци за откуп.
Член од семејството му се јавил додека тој со тимскиот автобус патувал кон стадионот, и му кажал дека треба да стапи во контакт со киднаперите кои оставиле број. Кога Микел им се јавил, добил наредба да плати откуп.
„Играв додека мојот татко беше во рацете на бандити!“ – вели Микел. „Морав да ја потиснам траумата. На четири часа пред почетокот на мечот добив телефонски повик за да ме известат што се случило. Бев емотивно растревожен, морав да донесам одлука дали сум психички подготвен да играм. Бев збунет. Не знаев што да правам, но на крајот знаев дека не можев да разочарам 180 милиони Нигеријци. Морав целосно да се исклучам и да и послужам на нацијата пред се останато. Не можев да го информирам ниту тренерскиот персонал, ниту луѓето од федерацијата и само мал број на пријатели знаеа што се случува“.
„Ми кажаа дека веднаш ќе го убијат мојот татко доколку разговарам со властите или доколку кажам на некого што се случило. Не му кажав ниту на селекторот бидејќи не сакав да го нарушам вниманието и фокусот на репрезентацијата“.
„За среќа, мојот татко беше ослободен во понеделникот. Сакам да им се заблагодарам на луѓето од полицијата за нивната операција за спасување и поддршката која ја добив од пријателите и членовите на смејството. За жал, мојот татко е во болница добива третман поради тоа што била вршена тортура додека бил во заробеништво“.