Ќе биде интересно во Калининград, Англија и Беглија ќе играат за да изгубат?

by
2 минути читање

На програмата на
Светското првенство денеска е последниот ден од групната фаза, кој треба да ги
даде последните патници во осминафиналето.

Во Групата Х,
Јапонија, Сенегал и Колумбија ќе се борат за нок-аут фаза, додека пак во
Групата Г останува да се реши само прашањето кој ќе заврши прв на табелата.
Англија и Белгија во меѓусебен дуел ќе решаваат, а мечот во Калининград може да
стане фијаско.

Сигурно никој
нема да признае дека излегува на терен за да загуби, но и на „Трите Лава“ и на „Црвените
ѓаволи“ им е јасно како ден дека е подобро вечерва да бидат поразени.

Причината е
едноставна, репрезентацијата која ќе загуби има многу полесна рута до финале.
Второпласираниот од Групата Г оди во десната страна од ждребот, каде во
осминафинале ќе игра со првиот од Групата Х (Јапонија, Сенегал или Колумбија).
Во четвртфинале се среќава со победникот од Шведска и Швајцарија, и сите овие
репрезентации на хартија се далеку послаби противници. Првиот посериозен тест
доаѓа дури во полуфиналето, каде би можеле да налетаат на Шпанија или Хрватска.

Победникот на Групата
Г, по релативното лесно осминафинале, во четвртфинале најверојатно ќе налета на
Бразил, главниот претендент за златото. А ништо полесено нема да биде ниту
евентуалното полуфинале каде можни противници се Франција, Аргентина,
Португалија и Уругвај.

Случувањата на
теренот дополнително би можеле да станат смешни со оглед на тоа дека Англија и
Белгија имаат постигнато и примено ист број на погодоци и во моментов „Трите
Лава“ се први само поради тоа што имаат еден жолт картон помалку.  Во случај на реми, фер-плејот ќе одлучува за
тоа кој е прв, па фудбалерите би можеле намерно да влегуваат во бележникот на
судијата. А во случај и во оваа категорија да биде изедначени, ждрепка ќе реши
кој ќе заврши како прв.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани