Сензација на Светското првенство во Русија, Германија доживеа елиминација, актуелниот првак не само што нема да игра во следната фаза туку го освои последното место на табелата зад Шведска, Мексико и Јужна Кореја.
Германците одиграа очаен натпревар, имаа јалова иницијатива, создадоа неколку добри шанси за гол но не успеаја да ја затресат мрежата на протвиникот.
Јужна Кореја беше опасна од контра напади, како одминуваше времето Германија се повеќе мораше да биде офанзивна, па противникот го користеше тоа.
Конечно во 94. минута Ким Јонг Гвон постигна гол за водство од 1-0, а во 96. минута откако и Нојер истрча на половината на Кореја, Сон реализираше во празната мрежа за 2-0.
Германија со игрите во трите натпревари не заслужи да ја помине групната фаза, ова е еден од нивните најголеми неуспеси на Мундијалите.
Во вториот натпревар од групата Ф, Шведска со убедливи 3-0 го победи Мексико и како прва се пласира во осминафиналето.
Првото полувреме помина без голови. Но по само пет минути игра во вториот дел Аугустинсон даде гол за водство на Шведска од 1-0.
Во 62. минута беше досуден пенал за Шведска, а сигурен реализатор од белата точка беше Гранквист. Десетина минути подоцна Алварез си постигна несреќен автогол за конечни 3-0 за Шведска.
Но и покрај поразот Мексико се радува бидејќи заедно со Шведска ќе игра во осминафиналето.
На крајот Шведска со шест бода е прва, со ист број на бодови но полоша гол разлика е Мексико, Јужна Кореја има три на третото место со подобра гол разлика од Германија.