Супер завршница на натпреварите во групата Б, Португалија и Шпанија одат понатаму, но не успеаја да ги добијат денешните натпревари.
Шпанија го освои првото место и во осминафиналето ќе игра против Русија, а Португалија ќе се сретне со Уругвај.
Во првото полувреме од дуелот меѓу Иран и Португалија речиси ништо не се случи до последната минута кога Кварезма со прекрасен гол донесе водство за 1-0.
По седум минути игра во вториот дел Португалија доби пенал со Вар, а ударот на Кристијано Роналдо го одбрани Беиранванд и го остави Иран во игра.
Во судиското продолжение имаше уште еден пенал со ВАР овој пат за Иран. Иранците погодија од пенал и израмнија на 1-1.
Тареми имаше идеална шанса во 94. минута да испише историја за Иран, но промаши и Португалија се спаси.
Нерешено заврши и дуелот меѓу Шпанија и Мароко 2-2. Мароканците два пати водеа, фаворитот изедначуваше.
Мароко поведе во 14. минута, по еден голем кикс на Рамос, Калид Бутаиб реализираше за водство од 1-0. Само пет минути подоцна по една убава акција Шпанија изедначи преку Иско.
Во 81. минута Незири го натскока Рамос и убаво го глава погоди за ново водство на Мароко. Но, во судиското продолжение Шпанија со гол со пета на Иаго Аспас изедначи за конечни 2-2.
Шпанија го освои првото место со пет бода, исто толку има и Португалија, Иран е трет со четири бода, Мароко последен со бод.
Иран – Португалија 1:1
Шпанија – Мароко 2:2