Ефикасен беше и вториот натпревар денеска на Светското првенство во Русија, Јапонија и Сенегал постигнаа по два погодоци.
Сенегал поведе уште во 11. минута со гол на Садио Мане, изедначувањето стигна во 34. минута по една убава акција на Јапонците и гол на Инуи.
Во второто полувреме и двете екипи продолжија со нападите, имаа свои периоди и свои шанси. Јапонија имаше одлична шанса да дојде во водство, но убавиот шут на Инуи заврши во пречката од голот на Сенегал.
Казната дојде во 71. минута кога Муса Ваге прими одличен пас и даде гол за ново водство на Сенегал, овој пат од 2-1.
Не се чекаше многу додека Јапонија да врати, само седум минути подоцна искусниот Хонда кој влезе веднаш по примениот гол, погоди за израмнување на 2-2.
Тоа беше и конечниот резултат и најреален според прикажаното.
И двете екипи имаат по четири бода и ако не загубат во последното коло во кое Јапонија игра со Колумбија, а Сенегал со Полска, ќе имаат сигурен пласман во осминафиналето.