Англија покажа моќ во дуелот со Панама која прв пат настапува на Светските првенства. Гордиот Албион ги израдува своите навивачи иако вистинската слика за потенцијалот на селекцијата треба да се бара во дуели со посилни селекции.
Дебаклот на Панама беше најавен уште во осмата минута кога по еден корнер Стоунс се најде сам во шеснаесетникот и ја закова топката во мрежата за еден гол.
Во 22. минута беше досуден пенал за Англија при фаул врз Лингард, сигурен реализатор беше Хари Кејн за предност од 2-0.
Во 36. минута Лингард постигна фантастичен погодок од далечина за 3-0, тука сите прашања околу победникот беа решени ако воопшто и ги имаше.
Четири минути подоцна Стоунс се најде на вистинското место и со својот втор гол на натпреварот зголеми на 4-0.
Во судиското продолжение од првиот дел Англија доби уште еден пенал за огромна предност пред одморот од 5-0.
Серијата голови продолжи во 62. минута кога Лофтус Чик биеше, топката го удри Хари Кејн и заврши во мрежата на Панама. Хет-трик на напаѓачот на Тотенхем со кој изби на првото место на листата на стрелци со пет погодоци.
До крајот на мечот Панама преку Балој успеа да постигне почесен гол за конечни 6-1, тоа беше нивниот прв, историски погодок на Светските првенства.
Англија славеше неочекувано убедлива победа, но Панама не е селекција од која можат да се изведуваат заклучоци.
Дербито на групата е во последното коло меѓу Англија и Белгија, но нејасно е со какви тимови ќе настапат бидејќи и двете селекции обезбедија пласман во осминафиналето. Панама и Тунис се елиминирани.