Хрватска дојде до победа од 3-0 против Аргентина во второто коло од групата „Д“, а со тоа Коцкестите стигнаа до шест бода во групната фаза, доволни за место во осминафиналето од Светското првенство.
За Гаучосите ова се големи проблеми, особено доколку утре Исланд триумфира над Нигерија, тоа би значело дека Хрватска и Исланд со реми во последното коло можат да ја елиминираат Аргентина.
Се играше рамноправно во првиот дел од мечот во Нижњи Новгород, и двете селекции имаа по две изгледни прилики за гол, но мрежите од обата гола мируваа по првите 45 минути игра.
По само осум минути во второто полувреме следеше огромен кикс на голманот Кабаљеро кој му овозможи на Ребиќ да се прослави со еден фантастичен волеј од позиција од која можеше да посакува хрватскиот офанзивец за 1-0 за Коцкестите.
По ова уште толку падна нивото на игра на Аргентинците кои немаа идеја како да ја сместат топката во мрежата од голот на Хрватите кои беа одлично позиционирани на теренот, а Лионел Меси беше затворен од секој аспект на играта.
Во 80. минута се постигна еден од најубавите погодоци засега на Мундијалот, дело на Лука Модриќ кој фантастично биеше од далечина, а овој удар не можеше да го одбрани Кабаљеро кој иако се испружи целиот, не ја спаси својата селекција од дуплирање на негативата, а со самото тоа и пораз во најава кој на крајот се случи.
Конечните 3-0 ги постави Ракитиќ во финишот од средбата за голема победа со која ги стави во очај Аргентинците.
По ова Хрватска со шест бода патува во осминафиналето, Аргентина засега има само еден освоен бод, а утре ќе навива за Нигерија. Во случај на победа за Исланд, таа селекција ќе се искачи на второто место со четири бода, и нејзин евентуален бод од дуелот со Коцкестите во последното ќе значи и елиминација за Аргентина.