39 годишниот
дефанзивец веројатно е најпознатиот фудбалер од експедицијата на Мексико во
Русија. Тој против Германија испиша историја и стана само еден од четворицата
играчи со учество на пет Светски првенства.
Но Рафа Маркез во
Русија има доста проблеми откако се најде на црната листа на САД поради наводна
инволвираност во перење пари на нарко картелите. Поради ова, на лицата од САД,
компаниите и банките им е забрането да имаат било каков однос со фудбалерот.
Ваквата забрана
придонесува тој во Русија да не смее да пие вода од исти шишиња со соиграчите,
бидејќи брендот кој го обезбедува напитокот (Powerade) е во сопственост на Кока Кола.
Рафа Маркез исто
така тренира со различна опрема од соиграчите бидејќи логото на Кока Кола не
смее да стои на неговата опрема. Дефанзивецот не може да дава изјави во микс зона бидејќи таму има реклами од брендови како Виса, Кока Кола,
Бадвајзер и Мекдоналдс.
Доколку тој биде
најдобар поединец на теренот, веројатно нема да биде прогласен за играч на мечот
бидејќи Бадвајзер е тој кој ја доделува наградата. Исто така се говори дека тој
прифатил да не добива пари за неговата инволвираност на мундијалот со цел да не
направи проблем за банките. Исто така се пишува дека ФИФА сумата од 1,5 милиони
долари која треба да и ја исплати на Мексико за учеството, ќе ја исплати во
евра и банки кои немаат никаква допирна точка со американскиот банкарски
систем.
Работата оди дотаму,
што Маркез треба да внимава на кого дава интервју, во случај преведувачот да не
е од САД.