Хрватските медиуми пишуваат дека Калиниќ се однесувал недолично уште на подготовките на репрезентацијата на Хрватска, настанот на мечот со Нигерија само ја прелило чашата по што Далиќ го направил тоа што морал.
Калиниќ пристигнал на подготовките за Светското првенство уверен дека ќе биде стартер во составот. Но фудбалерот кој најчесто ја грееше клупата на Милан брзо сфатил дека не е во првите 11.
Откако сфатил дека ќе биде на клупа, одбил да игра на пријателскиот меч против Бразил под изговор дека го боли грбот. А по натпреварот му рекол на селекторот: „Како може Крамариќ да игра пред мене?“.
Селекторот пробал да му објасни зошто, но Калиниќ не го интересирал одговорот. Тогаш Далиќ сфатил дека во Русија ќе носи незадоволен играч. Се обидел да ја реши ситуацијата по мирен пат, им објаснувал на фудбалерите дека турнирот е долг и за сите ќе има шанса.
Тој се надевал дека ситуацијата ќе се смири откако ќе стигнат во Русија, но откако Калиниќ одби да влезе против Нигерија, селекторот го загубил целото трпение кое го имал и му ја покажал излезната врата на напаѓачот.