По Аргентина и Германија, своите навивачи ги разочара и Бразил. Сите очекуваа лесна победа на фаворитот, но Бразилците многу далеку од својот потенцијал, Швајцарија знаеше што сака и го оствари тоа.
Бразил добро го почна мечот, со прекрасен погодок на Кутињо во 20. минута поведе со 1-0.
Но по погодокот застана, како да се задоволи со минималното водство и веќе не се обидуваше да нападне како што знае.
По пет минути игра во второто полувреме Швајцарија го изедначи резултатот на 1-1, Шакири нафрли од корнер, а Зубер даде гол со глава за голема радост на Швајцарците.
Во продолжението Бразил се разбуди малку но недоволно. Шанси имаа Нејмар, Кутињо, Фирмино и Миранда, но ниту една од нив не заврши во голот на Швајцарија.
Бразил има страшна репрезентација на хартија, но менталитетот на играчите може да им ги урне шансите за трофејот. Кариоките мора посериозно и подисциплинирано да влезат во следните дуели.
Следниот меч го играат против Костарика, а Швајцарија ќе ги одмери силите против Србија.