Вардарци ги запалија моторите, почнаа подготовките за новата сезона, први на ред ќе дојдат квалификациите за Лига Европа, а потоа домашното првенство.
„Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доберба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и понатаму“, изјави Бабунски.
„Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни во однос на другите екипи“.
Запрашан дали има некоја посебна желба во ждрепката за квалификациите од ЛЕ која ќе се одржи на 20. јуни Бабунски одговори:
„Искрено, не размислуваме кој ќе ни падне на ждрепката. За тоа ќе разговараме кога ќе го добиеме противникот, и ќе се потрудиме да ја спроведеме нашата стратегија и игра. Вардар има секогаш цел – што подалеку да дојдеме до Европа и да бидеме што подобри во првенството и Купот. Сакаме да направиме игра која е привлечна за публиката со која ќе ги вратие гледачите на трибините“.
Вардаровите играчи до среда ќе работат во Скопје, а во четврток експедицијата на „црвено-црните“ заминува во Словенија. Во местото Зрече Вардарци ќе останат до 1. јули, и таму ќе одиграат седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06).