Македонската фудбалска репрезентација ќе се соочи со Кипар во баражот за опстанок во Б-лигата од Лигата на нации, а селекторот на кипарската селекција, Апостолос Манциос, смета дека Македонија ќе ја има фаворитската улога во двомечот.
Во изјава за официјалната интернет-страница на Фудбалскиот сојуз на Кипар, Манциос истакна дека неговата репрезентација и пред ждрепката била свесна дека ќе добие противник од повисокиот ранг, поради што однапред ја прифатила улогата на аутсајдер.
„Среќни сме што за првпат како репрезентација учествувавме во ждрепка за плејофот во Лигата на нации. Знаевме дека противникот ќе дојде од Б-дивизијата и дека ќе ја имаме улогата на аутсајдер. Ждрепката одлучи да играме против Македонија. Ќе се подготвиме најдобро што можеме и ќе ги искористиме сите шанси, свесни за предизвикот што нè очекува. Фактот дека реваншот ќе го играме на гостински терен е хендикеп за нас, но ќе сториме сè за да бидеме конкурентни и да го оствариме посакуваниот резултат“, порача Манциос.
Првиот натпревар од двомечот ќе се одигра на 25 март 2027 година на теренот на Кипар, додека реваншот е закажан пет дена подоцна во Македонија. Нашата репрезентација така ќе ја има предноста на домашниот терен во одлучувачкиот натпревар за опстанок во Б-лигата.