Фудбалската репрезентација на Македонија со пораз од 0-3 од Словенија ја завршува групната фаза од Лигата на Нации во која не успеавме да освоиме ниту еден бод и постигнавме само еден гол, а примивме 15.
За разлика од поголемиот дел од претходните натпревари денеска прикажавме нешто подобра игра, имавме и иницијатива во добар дел од натпреварот, меѓутоа тоа не беше доволно за на крај да го избегнеме поразот.
Словенија не создаде премногу шанси, но беше многу подобра во завршницата и реализацијата. Првиот гол гостите го постигнаа по половина час игра кога Штурм ја реализираше контрата по додавање од Випотник. Словенечките фудбалери претходно ја погодија и пречката по еден изблокиран шут на Младеновски.
Со еден гол гостите заминаа и на пауза. Во второто полувреме гледавме слична слика на теренот, одново ние ја имавме топката во посед поголемиот дел од средбата, а Словенија сега искористи едно невнимание и Давид Зец ја затресе мрежата на Димитриевски во 66. минута, Випотник повторно беше асистент, сега по корнер. Точка стави Штурм со својот втор гол на средбата во последните моменти.
Со последното место во групата, Македонија ја чека бараж за опстанок во Лига Б каде што ќе играме против една од селекциите на: Молдавија, Фарските Острови и Белорусија и Естонија.
Ждрепката е закажана за петок од 12:00 часот.