Македонската фудбалска репрезентација запиша уште еден пораз во Лигата на нации, петти по ред, но како утеха може да биде тоа што овојпат постигнавме гол, загубивме од Шкотска со 2-1.
Македонската репрезентација добро го почна натпреварот, беше рамноправна во првите минути. Ја имавме и првата шанса кога Дориев со 13. минута биеше крај голот.
Но, потоа следуваше комплетна доминација на Шкотска. Во 16. минута Мектоминеј имаше одлична шанса, шутираше силно, но Димитриевски го одбрани неговиот удар.
Десет минути подоцна Адам се обиде со глава, но Димитриевски и овојпат беше на висина на задачата. На пет минути пред крајот на првиот дел, Мектоминеј излезе од косо еден на еден со нашиот голман, и овојпат Столе беше поуспешен.
Во судиското продолжение од првото полувреме, Македонија имаше одлична шанса да поведе, Барди биеше силно, за малку крај голот.
Само што почна првиот дел, Гилмур пропушти неверојатна шанса. Имаше празен гол пред себе, биеше над него. Имавме многу среќа во оваа ситуација.
Но, не помина долго до првиот гол на мечот, во 54. минута Мекгин даде гол за водство на Шкотска од 1-0.
Примениот гол ги разбуди нашите фудбалери. Само три минути подоцна, по едно нафрлување од корнер, Растодер погоди со глава за израмнување на 1-1. Тоа беше прв гол на нашата репрезентација по 844 минути игра. Завршивме еден многу долг пост.
Сепак, не успеавме да излеземе со поволен резултат од Глазгов. Во 74. минута Мекгин постигна нов гол, за ново водство на Шкотска. Овојпат погоди од пенал кој беше досуден по прекршок од Столе Димитриевски.
Во 85. минута Барди се обиде од слободен удар, биеше прецизно, но шкотскиот голман го одбрани неговиот удар.
Тоа беше последното возбудување на натпреварот. Го забележавме петтиот пораз во Лигата на нации, но барем го дадовме првиот гол.