Манчестер Јунајтед официјално ја потврди разделбата со Мајкл Керик, кој повеќе нема да ја извршува функцијата тренер на првиот тим. Како главна причина за ваквата одлука од „Олд Трафорд“ го посочуваат лошиот старт на новата сезона, поради кој англискиот гигант се најде во сериозна резултатска криза.
Керик се врати на клупата на Јунајтед во јануари и успеа да направи одличен резултат, водејќи го тимот до третата позиција во Премиер-лигата. На последните 17 натпревари од минатата сезона забележа дури 12 победи, а во тој период „црвените ѓаволи“ освоија повеќе бодови од кој било друг премиерлигаш. Сепак, очекуваното продолжение на добрите настапи изостана, па раководството реши да му се заблагодари за соработката.
„Мајкл е и засекогаш ќе остане легенда на Манчестер Јунајтед. Како и во играчките денови, така и при неговото враќање во клубот, тој покажа највисоко ниво на посветеност и професионализам. Неговото лидерство и резултатите од минатата сезона ќе останат во убаво сеќавање“, се вели во соопштението на англискиот клуб.
Во меѓувреме, вниманието е насочено кон Маурисио Покетино, кој се наметнува како главен кандидат за нов предводник на тимот. Британските медиуми веќе објавија дека Аргентинецот постигнал договор со клубот и дека се чека само официјална потврда.