Фиорентина сè посериозно размислува за разделба со Давид Де Хеа, а спортскиот директор Фабио Паратичи веќе работи на пронаоѓање негова замена, пишува италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.
Според информациите на италијанскиот медиум, во клубот сè повеќе се сомневаат во квалитетите на 36-годишниот шпански голман поради грешките што ги прави во текот на оваа сезона, но и поради неговата годишна плата од 3,5 милиони евра нето.
Тренерот Паоло Ваноли застана во одбрана на својот капитен по неделното реми (2-2) против Јувентус, истакнувајќи дека Де Хеа не е проблемот. Сепак, Шпанецот ја презеде одговорноста за голот на Желсон Бремер во 66. минута, кога тргна на нафрлената топка, а потоа остана на гол-линијата.
Де Хеа грешеше и на натпреварите против Сасуоло, Комо, Џенова, Фросиноне и Рома. Неговите излегувања при центаршутевите, кои и претходно беа една од послабите страни во неговата игра, со годините станаа уште поголем проблем.
Резервните голмани Оливер Кристенсен и Лука Лецерини во клубот не ги сметаат за долгорочни решенија, па Паратичи веќе започнал потрага по алтернативи.
Првата опција е Томазо Мартинели, голман кој е под договор со Фиорентина, но моментално настапува како позајмен играч во второлигашот Авелино. Клубот го следи и пазарот надвор од Италија, а меѓу потенцијалните кандидати се споменува и Сантијаго Белтран, голманот на Ривер Плата, роден во 2004 година.
„Кориере дело спорт“ проценува дека Де Хеа би можел да остане во Фиренца уште седум месеци, односно до крајот на актуелната сезона.