Ерлинг Халанд по триумфот на Манчестер сити над Лајпциг (3-2) доживеа и една посебна средба која го врати во детството. Норвешкиот голгетер се фотографираше со Андреа Норхејм, фудбалерка на женскиот тим на германскиот клуб, со која пред многу години заедно ги направиле првите фудбалски чекори.
Лајпциг ја сподели фотографијата на својот официјален Фејсбук-профил, а покрај актуелната фотографија објави и интересна слика од нивното детство. На неа Халанд и Норхејм позираат во дресовите на Брине, клубот од нивниот роден град во Норвешка. Средбата се случи по драматичниот натпревар од четвртото коло во Лигата на шампионите, на кој Манчестер сити славеше со 3-2 на „Ред Бул Арена“. Халанд повторно беше еден од главните актери, постигнувајќи го победничкиот погодок во 78. минута.
Интересно е што Халанд и Норхејм не биле само познаници од младинските категории. Двајцата израснале во Брине и дури пет години заедно тренирале во младинската школа на локалниот клуб. Во тоа време Норхејм играла како напаѓач, додека денес настапува на стоперската позиција.
И нејзината фудбалска приказна е исклучително интересна. Уште на 17-годишна возраст се пресели во Олимпик Лион, со кој во сезоната 2016/17 ги освои Лигата на шампионите, француското првенство и Купот.
Потоа продолжи со успесите во европскиот фудбал. Со шведскиот Питеа стана шампионка во 2018 година, додека со данскиот Коге двапати ја освои шампионската титула, во 2022 и 2023 година. Во 2024 година го освои и португалскиот Суперкуп со Спортинг Лисабон. Норхејм во редовите на РБ Лајпциг пристигна во летото 2025 година, а со германскиот клуб има договор до јуни 2027 година.