Овоно по трагедијата со Де Мигел нема да брани за репрезентацијата

by Стефан
1 минути читање

Голманот на репрезентацијата на Екваторијална Гвинеја, Хесус Овоно, нема да настапи на ноемвриските квалификациски натпревари за Африканскиот куп на нации, откако беше длабоко потресен од трагичната смрт на фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел.

Двајцата фудбалери во понеделникот имаа тежок судир на натпреварот меѓу Андора и Тенерифе во втората шпанска лига. Де Мигел веднаш беше пренесен на интензивна нега, но и покрај напорите на лекарите, во вторникот наутро им подлегна на повредите.

По несреќниот настан, Овоно се најде на мета на жестоки критики и навреди на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците го обвинуваа за трагедијата. Притисокот беше толку голем што голманот го деактивираше и својот профил на Инстаграм.

„Ова се најтешките денови во мојот живот. Тешко ми е да ги пронајдам вистинските зборови, а уште потешко ми е да го прифатам она што се случи. Знам дека ќе има многу прашања и со сè што следува ќе се соочам со најголема почит. Но, во овој момент не можам да размислувам за ништо друго освен за Хесус и болката што ја чувствуваме. Почивај во мир, Хесус“, порача Овоно.

Поддршка за својот голман испрати и Фудбалската федерација на Екваторијална Гвинеја, која застана зад него и порача дека во моментов минува низ исклучително тежок период.

Овоно со години е стандарден чувар на мрежата на националниот тим и беше дел од последните три изданија на Африканскиот куп на нации. Сепак, нема да биде во составот за двата претстојни квалификациски дуели со Зимбабве, закажани за 12 и 16 ноември во Хараре.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×