Голманот на Андора, Хесус Овоно, првпат јавно проговори по трагичната смрт на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина по судирот со него на натпреварот меѓу двата тима.
Овоно преку официјалните канали на својот клуб објави емотивно соопштение во кое изрази сочувство до семејството на починатиот фудбалер и призна дека минува низ најтешкиот период во животот. Пред објавувањето на пораката, голманот го затвори својот профил на Инстаграм поради навредите и заканите што ги добиваше.
„Ова се најтешките денови во мојот живот. Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови, а уште потешко да разберам што точно се случи“, напиша Овоно.
Тој додаде дека чувствува огромна болка по загубата на Де Мигел и дека неговите мисли се со семејството и сите оние кои го сакале починатиот фудбалер.
„Знам дека ќе има многу прашања за кои ќе треба да се разговара и со сè што следува ќе се соочам со целосна почит. Но, во овој момент не можам да размислувам за ништо друго освен за Хесус и болката низ која минуваме. Почивај во мир, Хесус“, порача голманот.
Де Мигел почина во вторникот наутро во болница во Санта Круз де Тенерифе, откако претходниот ден доживеа срцев удар по судирот со Овоно во судиското продолжение на натпреварот Тенерифе – Андора.
Смртта на фудбалерот е предмет на полициска истрага под надзор на судските органи. Во меѓувреме, од почит кон починатиот играч, натпреварот од следното коло меѓу Андора и Мајорка нема да биде одигран.