Фудбалската федерација на Македонија потврди дека Вардар поднел жалба по вчерашниот натпревар од Купот на Македонија против Тиквеш. Скопскиот клуб бара службена победа, со што би обезбедил пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Од ФФМ информираат дека жалбата се однесува на документацијата за лекарскиот преглед на фудбалер внесен во системот КОМЕТ, при што се отвора прашањето за приложената спортско-медицинска потврда.
„Во жалбата се наведува дека во досието на фудбалерот внесен во КОМЕТ системот на ФФМ, во делот што се однесува на лекарскиот преглед, како медицински документ е приложена спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на извршен лекарски преглед 2. јули 2026 година. Според наводите во жалбата, Милош Спасовски не е член на ГФК Тиквеш 1930 од 3. септември 2026 година
ФК Вардар ја поднесува жалбата повикувајќи се на член 8 и член 30 став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/2027, во врска со член 63 став 6, член 68 и член 99 став 1 точка II и став 4 од Правилникот за натпреварување на ФФМ.“, соопштуваат од ФФМ.
Вардар со жалбата бара Тиквеш да биде елиминиран од Купот, а натпреварот да биде регистриран со службена победа за скопскиот тим. Сега останува да се види каква одлука ќе донесе надлежната комисија на ФФМ.