Поранешниот капитен на англиската репрезентација, Стивен Џерард, упати големи пофалби за Хари Кејн, оценувајќи дека напаѓачот на Баерн Минхен има квалитети да се смета за најдобриот англиски фудбалер во историјата. Неговата изјава доаѓа во период кога Кејн се наоѓа меѓу најсериозните кандидати за освојување на „Златната топка“.
„Според мене, за Хари Кејн слободно може да се каже дека е најдобриот англиски играч на сите времиња“, порача Џерард, не криејќи го воодушевувањето од настапите на голгетерот.
Легендарниот капитен на Ливерпул не е единствениот поранешен англиски репрезентативец кој го смета Кејн за еден од најголемите во историјата на англискиот фудбал. Вејн Руни уште во 2024 година, гостувајќи во подкастот „The Overlap“, изјави дека напаѓачот е најголемиот фудбалер што некогаш настапувал за англиската репрезентација.
Англискиот голгетер минатата сезона блескаше во дресот на Баерн Минхен и на репрезентацијата, постигнувајќи вкупно 73 гола на 65 натпревари. Подобар голгетерски учинок во една сезона има само Лионел Меси, кој во сезоната 2011/12 постигна 82 погодоци за Барселона и Аргентина.
The ultimate compliment for Harry Kane? 🏴 https://t.co/WC2Wdad9Aq
— BBC Sport (@BBCSport) October 22, 2026
Со Баерн, Кејн освои три трофеи во Германија, а во август му беше доделена „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа. За него тоа беше вторпат во кариерата да го добие ова признание, откако претходно го освои и во сезоната 2023/24.
Кејн продолжи во ист стил и на почетокот на новата сезона. На натпреварот против Унион Берлин, кој Баерн го доби со убедливи 7:0 на 18 септември, Англичанецот го постигна својот 100. гол во Бундеслигата.
Она што го прави неговиот подвиг уште повпечатлив е фактот дека до оваа бројка стигна по само 98 одиграни натпревари. Со тоа, Кејн постави нов рекорд во германското првенство, надминувајќи го претходното достигнување на Дитер Милер, на кого му беа потребни 129 натпревари за да стигне до 100 гола.