Риера за Гаштаров: Тоа што му се случува не е нормлано за момче од 19 години!

by Стефан
2 минути читање

Тренерот на Црвена звезда, Алберт Риера, не го криеше незадоволството од календарот на УЕФА, упатувајќи остри критики за густиот распоред и тринеделната пауза исполнета со дури четири репрезентативни натпревари.

Шпанскиот стратег смета дека ваквиот ритам е една од главните причини за сè почестите повреди во европскиот фудбал, а како конкретен пример го посочи младиот македонски репрезентативец Матеј Гаштаров.

„Календарот е луд, затоа има многу повредени фудбалери низ Европа. Најдобар доказ за тоа е Гаштаров, момче кое пред два месеци воопшто не играше, а потоа во еден месец одигра 10 натпревари по 90 минути. Тоа е премногу“, истакна тренерот на српскиот шампион.

Риера предупреди дека телото не може бесконечно да го издржува ваквиот интензитет, особено кога станува збор за млади фудбалери кои сè уште се во развој. Тој порача дека одговорните за креирање на натпреварувачкиот календар мора сериозно да го преиспитаат актуелниот систем.

„Не е нормално да изложите момче од 19 години на толкав напор. Кога ќе се случат тешки повреди, ова е причината. Тоа се факти, а не изговори. Оние кои ги прават календарите мораат повторно да размислат за ова“, дециден беше шпанскиот стручњак.

И покрај загриженоста поради физичкиот замор, тренерот на Црвена звезда има сериозни причини за задоволство кога станува збор за развојот на македонскиот фудбалер. Риера особено го пофали неговиот психолошки напредок, самодовербата и сè поголемата сигурност на теренот.

„Ги гледав сите натпревари на нашите фудбалери за националните тимови. Би го издвоил Гаштаров бидејќи ова му беше прв повик за А-репрезентацијата. Тој е малку срамежлив по природа, но јас во тоа не верувам на теренот. Кога ќе стапнеш на тревата, мораш да покажеш дека си најдобар“, порача Риера.

Тој додаде дека Гаштаров напредува чекор по чекор и дека му претставува задоволство да му помогне во неговиот фудбалски развој.

„Работиме на неговиот карактер и самодоверба и тој тоа сега го покажува на теренот. За да бидеш врвен играч, тоа ти е неопходно. Прави голем напредок, чекор по чекор, и мило ми е што можам да му помогнам. Ако му помогнеме нему, тој ќе ѝ помогне на екипата да победува, а тоа е најважно“, заклучи тренерот на Црвена звезда.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×