Македонската репрезентација претрпе нов пораз во Лигата на нации. Во Луцерн, Швајцарија славеше со 3-0, со што го повтори резултатот од првиот меѓусебен дуел во Скопје и освои нови три бода.
Поразот донесе продолжување и на негативната серија на Македонија. Нашата репрезентација останува без постигнат гол во сите осум натпревари откако Гоце Седлоски ја презеде селекторската функција.
Седлоски по натпреварот истакна дека Македонија одигра добро во првиот дел, но индивидуалните грешки и неискористените шанси повторно беа клучни.
„Имавме одлично прво полувреме до примениот гол, но направивме индивидуални грешки кои Швајцарија знаеше да ги казни. Имавме две до три добри можности и мораше да ги искористиме. Швајцарија покажа дека и од мал простор може да создаде и реализира шанса“, рече Седлоски.
Селекторот смета дека Македонија во првото полувреме покажала дека може да се носи со квалитетна репрезентација како Швајцарија, но проблем останува недостатокот на минути кај дел од македонските репрезентативци на клупско ниво.
„Швајцарија е силна репрезентација, но ние покажавме дека можеме да играме против неа. Имавме проблем и со играчите кои немаат доволно минути во своите клубови. Сепак, задоволен сум од односот на играчите“, додаде Седлоски.
„Ги пробав сите шпицови уште од првиот натпревар, но ни недостасува гол. Мора да работиме на тоа. Не застанувам и не се предавам. Како што бев борец како играч, таков ќе бидам и сега. Се наоѓаме во тешка ситуација, но не се предавам“, порача македонскиот селектор.
До крајот на годината Македонија има уште два натпревари. Во ноември прво ќе гостува кај Шкотска, а потоа на домашен терен ќе ја пречека Словенија. На овие два натпревари „црвено-жолтите“ ќе имаат можност да го поправат впечатокот и конечно да ја прекинат голгетерската суша.